Прва радост за Реал, Интер пред елиминација, Ливерпул ја понижи Аталанта

Реал Мадрид славеше над Интер со 3-2 во дерби-дуелот на денешната програма од Лигата на Шампионите, прв триумф на „кралевите“ сезонава во елитното европско првенство. Бензема го отвори резултатот казнувајќи ја грешката на Хакими, а кога Рамос погоди за 2-0 се чинеше дека Реал ќе стигне до рутински триумф. Интер успеа да се врати, Лаутаро намали во првото полувреме, а Перишиќ израмни на 2-2 во вториот дел. Хрватот потоа промаши убава шанса за целосен пресврт, по што „кралевите“ стигнаа до победата благодарение на своите бразилски „резервисти“, Винисиус нафрли од левата страна, а Родриго го совлада Ханданович и го донесе Интер на работ од елиминација од ЛШ.

Баерн Минхен по огромна битка стигна до третата победа во низа во групната фаза, иако конечниот резултат на гостувањето против Салцбург гласи 2-6. Мора да се истакне дека австрискиот првак до десет минути пред крајот имаше 2-2 против европскиот шампион, но тогаш Баерн одигра супер-фуриозно во завршницата и преку Боатенг, Сане, Левандовски и Хернандез стигна до преубедлива победа.

Ливерпул го одигра најдобриот овосезонски натпревар, декласирајќи ја на гостински терен Аталанта со 0-5. Жота одигра импресивен меч постигнувајќи хет-трик, прв во дресот на „црвените“, а по еднаш меѓу стрелците се запишаа Салах и Мане. Аталанта создаде неколку убави шанси, Запата еднаш го затресе и дирекот, но домаќините не успеаја да го матираат одличниот Алисон Бекер.

Манчестер Сити рутински триумфираше со 3-0 над Олимпијакос со головите на Феран Торес, Кансело и на Габриел Жезус, како загревање за неделното премиерлигашко дерби против Ливерпул.

Олимпик Марсеј загуби со 3-0 на гостувањето против Порто, меч на кој трагичар беше Паје, поради промашениот пенал за францускиот тим при резултат 1-0.

Во последниот натпревар на вечерашната програма Ајакс како гостин го совлада Митјиланд со 1-2, со головите на Ентони и на Тадиќ во првото полувреме.

Се вчитува...