Првата фаза низ бројки: Поповски со најбрз спринт, Талески со најсилен шут на ЕП

Македонските ракометари прерано ги спакуваа куферите и го завршија настапот на ЕП 2020, па како слаба утеха остануваат двете статистички категории во кои нашите интернационалци се наоѓаат на врвот. По комплетирањето на првата фаза беа објавени и официјалните статистики од групите А, Б, Ц, Д, Е и Ф, во кои Филип Талески остана ракометар со најсилен шут на шампионатот.

Станува збор за обидот на дуелот со Чешка, со брзина од 141 километар на час, пред Чехот Кашпарек со 140 км/час и Полјакот Сичко со 139 километри на час.

Мартин Поповски немаше преголема минутажа на овој шампионат, но македонското десно крило го имаше најбрзиот спринт во првата фаза. Тој истрча со 31 километри на час, рамо до рамо со Овчина и Хаселјиќ (БиХ), Јуринок (Белорусија), Антунеш (Португалија), Сантош (Австрија), Смитс (Холандија), Жук (Украина), Томинец (Швајцарија).

Кире Лазаров е на делба на четвртото место на листата на стрелци, со 22 погодоци, заедно со Кеј Смитс од Холандија. Пред македонскиот капитен се наоѓаат Билик со 28 и Сагосен и Шмид со по 27 постигнати погодоци. Лазаров воедно е и трет асистент на шампионатот, со 17 додавања за гол на соиграчите, зад Сагосен и Блик со по 19 асистенции.

Борко Ристовски со два одбранети пенали од пет обиди се наоѓа во Топ 20 голманите во ова категорија, во која на врвот е Виктор Халгримсон од Исланд, 2/3  (67%).

Марио Танкоски со седум загубени топки на три натпревари е на делба на 13. место во оваа неславна категорија, загрижувачка бројка уште повеќе ако се знае дека средниот бек не мина предолго време на теренот.

Кире Лазаров е при врвот и кога станува збор за отскок при шут, Македонецот скокна во височина од 74 сантиметри, исто колку и Мачковшек, Порт, Андерсон, Лагерген, со кои го дели второ место. Прво пласира… на прво место е Мигел Мартинс од Португалија со 75см.

Колективно гледано, Македонија се наоѓа на 13. место на листата од најефикасни репрезентации со 79 гола, исто колку и Чешка. Најефикасна селекција во првата фаза беше Шпанија со 102, пред Австрија со 98 погодоци.

Реализацијата беше сериозен проблем на ова ЕП, па Македонија неслучајно е 17. пласирана во оваа катгорија со 57% успешност (79 погодоци од 138 удари), исто процен како и БиХ. На врвот на оваа листа се наоѓаат Шпанија и Австрија со 71% успешност во своите обиди.

Македонија е второрангирана по бројот на асистенции во првата фаза, до 59 успешни додавања, веднаш зад Австрија со 66. Зад „црвено-жолтите“ во оваа категорија се наоѓаат Норвешка со 50 и Украина и Шведска по 49 асистенции.

Македонија е на делба на претпоследното место по бројот на блокирани шутеви, вкупно два на трите одиграни средби. Исто толку имаат и Шпанија, Австрија и Холандија, а помалку од избраниците на Брестовац има само Португалија (еден блок на три натпревари).

Голманите имаа слаб ефект на последните две средби, што придонесе Македонија да ја заврши групната фаза со 26 успешни интервенции. Помалку одбрани од македонските голмани имаат само Русите (23) и Холанѓаните (25).

Се вчитува...