Првата лига на „скенер“: Кој колку може во новиот шампионат на Македонија?

Почнува новата сезона во Првата фудбалска лига на Македонија. На стартот, големо дерби меѓу актуелниот шампион Шкендија и вицепрвакот Вардар во Тетово. Поубав старт не можевме да посакаме, иако оваа сезона се чини дека разликата меѓу овие два тима квалитативно е уште повеќе на страната на првакот.

Секоја сезона прашањата се исти?. Кој е најблиску до освојување на титулата? Кои екипи ќе се борат за излез на европска сцена? Кој ќе се најде во вртлогот за опстанок?

ФАВОРИТ(И) ЗА ТИТУЛАТА

Шкендија ќе ја брани двојната круна. Тимот на Ќатип Османи е дефинитивно главен фаворит за одбрана на пехарите. Иако ќе го нема екс-капитенот Ферхан Хасани, кој е македонски репрезентативец и беше голем адут минатата сезона, сепак, Шкендија има најквалитетен тим. Покрај тоа, Хасани се уште и нема реализирано трансфер во странство, па нема да биде ниту чудно ако на крајот се договори со раководството да остане во Шкендија со нов договор. Проблем за Османи е и сериозната повреда на Марјан Радески, но Шкендија се засили со Селмани и со Нафиу ова лето, го доби и албанскиот интернационалец Мици на позицијата лев бек и сигурно има најдобар ростер.

ЕКИПИ КОИ ЌЕ БАРААТ ЕВРОПСКИ ИЗЛЕЗ

Шкупи значително се засили во овој летен преоден рок и има амбициозно раководство. Доколку финансиите бидат стабилни на Чаир, тогаш овој клуб дефинитивно ќе се бори за излез на европска сцена. Тренерот Зекирија Рамадани има квалитетен тим на располагање, а Шкупи секогаш има крилја кога игра дома, со оглед на поддршката од навивачите и полната трибина. Шкупи пазареше добро…Муарем, Серџо Јуниор, останувањето на Илијоски и на Вујчиќ, го прават овој тим повеќе од солиден за македонски рамки.

Работнички го има искусниот тренер Ѓоре Јовановски на клупата, сега од самиот старт на сезоната. Тој дојде во финишот на ланското првенство, успеа да го консолидира и да избори излез на европска сцена. Сега и официјално со моќната компанија „Сеавус“ како генерален спонзор, „романтичарите“ ќе имаат што да кажат во новиот шампионат. Пристигнаа неколку нови имиња, Пеев, Бопесу, Стевановиќ, Недељковиќ.., а Јовановски ќе знае како да го вкомпонира и од нив да го извлече максимумот.

Вардар е многу ослабен, и финансиски, а и играчки, во однос на минатата сезона. Нема веќе огромни пари за плати, па нема ниту фудбалери од највисок ков. Си заминаа голем број квалитетни фудбалери, ги нема Грнчаров, Фелипе, Хамбарџумјан, Глигоров, Велкоски, од претходно заминаа Спировски и Николов, и тоа веќе не е истиот Вардар. Засилувањата не се од највисок ков, а тренерската палка по турбуленциите ја доби Александар Васоски. Во Вардар, „рибата од главата смрди“, па раководството и „големиот газда“ Сергеј Самсоненко сега бараат начин како да го вратат клубот на Град Скопје. Но, Вардар е сепак Вардар, и ќе се бори за излез на европска сцена.

Силекс во изминатите неколку сезони од сенка ја чека шансата за излез на меѓународен план. Лани беше многу блиску, и во финишот ја пропушти шансата. Тренерот Жикица Тасевски е одличен стратег, а ова лето значително го реновираше составот. Дојдоа дури 15 нови фудбалери во Кратово, па ќе треба време за овој тим да се искристализира и да почне да функционира според неговите замисли.

„ЗЛАТНА СРЕДИНА“

Ренова е секогаш тука некаде во ’златната средина’. Без некои посериозни промени во кадарот, иако доведоа неколку нови имиња, повторно „гипсарите“ ќе се потпрат на старите сили. Си замина Нафиу во Шкендија, но тоа е речиси истиот тим, подзасилен со Максути, Билали, Рамадани, Зука, и сигурно дека ќе се бори да биде што подалеку од опасната зона, а поблиску до „златната средина“. Тука е новиот шеф Јетон Беќири, кој има искуство од редовите на Шкендија.

Академија Пандев не е веќе дебитант во Првата лига, има искуство од минатата сезона, а тренерот Југослав Тренчовски има на располагање млад тим, но и подзасилен со искусни поединци како Ацо Стојков. Нивната амбиција ќе биде што е можно побрзо да го осигураат опстанокот.

Победа исто така сака да стане стабилен прволигаш. Со промени во раководството, успеа да се извлече преку бараж и да остане во елитата лани, а сега надежите се дека ќе оди чекор напред и многу порано ќе го осигура опстанокот. Хендикепот е јасен, Победа нема домашен терен, стадион во Прилеп, па повторно ќе мора „под кирија“ во Битола, или во Струмица. Од играчкиот кадар, ангажирани се Маркоски, Каланоски, Драгарски, Мустафов, Тимов…има добар материјал во прилепскиот тим.

ОПАСНА ЗОНА

Новите прволигаши речиси секогаш имаат за цел да ја избегнат опасната зона. Беласица по повеќе од една деценија се враќа во елитата, и ќе се обиде да избори опстанок. Тимот има квалитет, но новиот тренер Марјан Живковиќ беше доведен на само десетина дена пред стартот на шампионатот. Искусниот напаѓач Зоран Балдовалиев сигурно ќе биде главниот адут, иако во струмичкиот тим има уште неколку проверени имиња.

Македонија ЃП е „бразилска колонија“. Со младиот и одличен стратег Александар Таневски, тимот имаше одлични настапи во второлигашкото друштво, но елитата е секако нешто друго, и голем предизвик за „лавовите“. Многу нови имиња во составот, но повторно товарот ќе падне на искусниот Боби Божиновски и уште неколку други фудбалери. Овој тим секако ќе гледа да побегне од опасната зона и да се движи кон „златната средина“.

Се вчитува...