Првата лига продолжува со пет дуели – фокусот е во Аеродром и Гостивар

Богатата прволигашка програма во македонската кошарка продолжува денеска со пет дуели од кои четири ќе бидат одиграни во главниот град, а еден во Гостивар. Четвртото коло ќе биде комплетирано во недела со дуелот помеѓу Пелистер и Кожув.

Програмата започнува од 13 часот во СЦ „Јане Сандански“ каде Феникс 2010 ќе го пречека Ангели во првиот меѓусебен дуел на минатогодишните финалисти во Втората лига. Избраниците на Денис Дервишевиќ во овој натпревар влегуваат со цел враќање на победите по двата порази од Работнички и Пелистер, а пулените на Горан Георгиевски ќе ја бараат првата победа во сезоната.

И вториот натпревар ќе биде одигран во Аеродром каде МЗТ Скопје го пречекува Куманово од 16 часот. Дуелите на „сино-белите“ претходната сезона донесоа голема возбуда, а кумановци беа и на прагот да го елиминираат сега осумкратниот шампион во четвртфиналето. Дали кумановци ќе успејат да се реваншираат или пак аеродромци ќе ја продолжат победничката низа на домашно тло останува да видиме.

Од 18 часот во „Младост“ Гостивар го пречекува Работнички. Дуелите на „сино-белите“ и „црвено-белите“ никогаш не разочаруваат па се надеваме дека така ќе биде и денеска. Нашиот најтрофеен тим сеуште не знае за пораз и по три кола има перфектни „три од три“, но фаворитската улога им припаѓа на домаќините кои во овој меч влегуваат на крилјата на убедливата победа над МЗТ Скопје 2.

Во исто време (18:00) започнува и мечот во СРЦ „Кале“ каде ТФТ ја има фаворитската улога во дуелот против МЗТ Скопје 2. „Црно-белите“ изгледаат одлично на почетокот на сезоната и на овој меч ќе целат кон останување на перфектен учинок, а младите „штркови“ ќе бараат враќање на победите.

Богатиот ден ќе биде комплетиран во Кисела Вода од 19 часот каде на Академија ФМП и гостува вицешампионот Еуро Никел. Домаќините на овој меч влегуваат на крилјата на првата победа во првенството запишана над Кожув, а кавадарчани бараат рехабилитација за двата пораза во низа од ТФТ и МЗТ Скопје.

Четврото коло од Првата лига ќе биде комплетирано в недела со Битола каде Пелистер од 18 часот и 30 минути ќе се сретне со Кожув. Битолчани по три одиграни натпревари не знаат за пораз во домашното првенство, а гевгеличани ја бркаат првата победа во сезоната.

Се вчитува...