Првата лига се враќа во етерот со пет дуели во Скопје и по еден во Куманово и Гостивар

По репрезентативната пауза прволигашката кошарка се враќа во етерот со деветото коло во кое ќе бидат одиграни три натпревари во сабота и три во недела.

Првите од нив започнуваат од 17 часот во Аеродром и Кисела Вода каде МЗТ Скопје 2, односно Ангели ги пречекуваат Еуро Никел и Пелситер. Гостите се фаворити на овие средби, но ќе биде интересно да видиме дали домаќините ќе успеат да приредат изненадување.

Саботниот ден ќе го комплетира мечот помеѓу Работнички и Кожув на „Кале“ со почеток од 18 часот. Во дуелот на „црвено-белите“ гостите влегуваат на крилјата на победата над МЗТ Скопје 2 во претходното коло, додека домаќините ќе бараат рехабилитација за поразот од Пелистер во Битола.

Неделната програма започнува од 17 часот со натпреварот на колото во кој ТФТ го пречекува актуелниот шампион МЗТ Скопје. Аеродромци на гостувањето на „Кале“ влегуваат со одлична серија од седум победи во низа, додека домаќините ќе се обидат да се вратат на победите по поразот во претходното коло.

Од 18 часот во „Перо Наков“ Куманово го пречекува Феникс 2010. Новлијата во Првата лига не признава фаворити, но сеуште чека на првата гостинска победа. На победа веќе подолго време чекаат и „сино-белите“ па ќе биде интересно да видиме дали минатогодишниот четвртфиналист ќе најде решение за скопјани.

Последниот натпревар на колото ќе биде одигран во „Младост“ со почеток од 19 часот, а во него Гостивар го угостува ФМП. Домаќините на овој меч бараат враќање на победите по поразот во Аеродром, додека уморните „академици“ влез во нива победничка низа.

Се вчитува...