Првата пречка мината – МЗТ Скопје преку Сутјеска до полуфинале во АБА2

МЗТ Скопје се пласираше во полуфиналето од АБА2 лигата откако славеше во четвртфиналниот натпревар против Сутјеска со 73-68 во одлична атмосфера која ја приредија навивачите на „сино-белите“. Аеродромци беа подобриот противник на денешниот натпревар, а и покрај тоа што на моменти се мачеа во креацијата, одиграа на ниво во одбраната и не дозволија изненадување.

Сутјеска добро го затвори рекетот на отварањето на средбата, а тоа создаде проблеми во играта на МЗТ Скопје. Аеродромци беа приморени да бараат решение со шут од поле кој не беше во полза на „сино-белите“, на спротивната страна црногорскиот состав беше успешен во обидите од поле на високите играчи па ја превзема иницијативата за водство од 8-13. Сепак постот на македонскиот состав не траеше долго. Тајм-аутот на Петровиќ ги консолидираше редовите на МЗТ Скопје, кој реализираше во „пик“ играта, реализираше и за три поени, ја крена агресивноста во одбраната па поведе со 22-19 по 10. минути игра. Добрата одбрана на „сино-белите“ продолжи да биде фактор на натпреварот. Аеродромци го затворија рекетот, одиграа течно во нападот па стигнаа и до лесни поени за предност од 32-24. Позитивата можеше да биде и двоцифрена, но изгубените топки и промашените слободни фрлања дозволија целосно враќање на противникот кој ја сведе негативта на 34-32, но завршницата на првото полувреме му припадна на скопскиот состав кој на „големата пауза“ замина со 40-35.

Агресивната одбрана продолжи да биде знак на МЗТ Скопје и на отварањето на второто полувреме во кое повторно проработе и шутот за три поени па аеродромци преку Крстевски, капитенот Стојановски и Дејвис стигнаа до првата двоцифрена предност на мечот (51-40), но истата не успеаја да ја задржат. Сутјеска одговори со добра игра на двата дела од теренот, ги примора аеродромци на тешки обиди и изгубени топки кои ги корисеше на спротивната страна па до крајот на третата четвртина ја сведе негативата на само еден напад (53-50), а пропушти и три шанси за изедначување. Изедначениот натпревар во кој двата тима се мачеа да го најдат напаѓачкиот ритам продолжи и на отварањето на последната четвртина, а прв иницијативата ја превзема МЗТ Скопје кој со тројките на Војдан Стојановски и Николов ја врати „комотната“ предност (64-56), а и покрај тоа што на момент се мачеа да го исконтролираат скокот, во моментот кога успеаја во истото ги решија дилемите за победник. Сутејска при самиот крај успеа да ја преполови двоцифрената негатива, но мирната рака на избраниите на Петровиќ од линијата за слободни фрлања не дозволи неизвесна завршница.

Кристијан Николов со 17 поени и 6 асистенции беше лидер на МЗТ Скопје, додека него го следеа Војдан Стојановски со 15 поени и 4 скока и 4 асистенции и Хуан Дејвис со 11 поени и 3 скока. Спасојевиќ и Томашевиќ ја предводеа Сутјеска со по 13 поени.

Се вчитува...