Првиот човек на Беласица: „Пандев бега од Струмица, за да не добие свирежи на ‘Младост’“

ФК Беласица изминативе денови испрати понуда до Академија Пандев, струмичкото дерби од 11. коло во Првата македонска фудбалска лига, „пандевци“ како домаќини да го играат на стадионот „Младост“ во Струмица и тоа во вечерен термин како би им овозможиле на љубителите на фудбалот вистинско спортско уживање.

Но, предлогот беше одбиен од Академија Пандев која одлучи, како и досега, домашните натпревари да ги игра на „Кукуш“ во Турново. Па, дуелот ќе се игра в недела од 13:30 часот во Турново.

На сето тоа револтирани во Беласица кои велат дека струмичани остануваат оневозможени да уживаат на вистински начин во ‘градското’ дерби…

„Очигледно е дека Пандев бега од струмичката публика и полниот стадион Младост. Сето ова покажува само дека Академија Пандев не е градски клуб. Факт е дека градот ја сака исклучиво Беласица и на Пандев му е тоа сосема јасно па за да ги избегне свирежите од домашната публика се одлучува да игра во Турново. А, еве јавно прашувам дали има поголем срам во спортот да бегаш од својата публика. Ги повикавме фудбалски да се бориме на терен, да им овозможиме вистинско дерби љубителите на фудбалот од Струмица, а тие бегаат“ – вели претседателот на Беласица, Славчо Васков – Пинда во изјава за струмички ТВ Канал Вис.

Се вчитува...