„Федерер е господин, не е фер било кој да каже лош збор за него“

Директорот на Ролан Гарос, Ги Форж застана во одбрана на Роџер Федерер по откажувањето од турнирот по трите обезбедени победи на Швајцарецот, истакнувајќи дека му е чест што Роџер воопшто дојде во Париз.

Швајцарскиот тенисер се повлече од гранслем турнирот во Париз по победата во третото коло над Доминик Кепфер. Федерер објасни дека разговарал со тимот, и дека решил да се откаже за да не го оптоварува премногу неговото тело. Многумина негодуваа за Швајцарецот што се реши на ваков потег по три победи и го искористи Ролан Гарос само како подготовка за сезоната на трева.

„Не е фер да се каже дека Роџер не покажал почит или се однесуваше лошо. Тој не беше подготвен да игра, потпиша документ во кој објасни дека се откажал поради проблеми со коленото. Зборуваме за голем шампион и вистински господин, кој има речиси 40 години и кој имаше две операции на коленото. Ролан Гарос беше можност да ја подобри својата игра, да се подготви за она што следува, а знаеме дека Вимблдон е неговиот приоритет. За нас е голема чест што тој дојде. Ние не го сфаќаме како непочитување фактот дека тој го искористи овој терен за да се подготви за продолжението на сезоната. Роџер стори сé што е во согласност со протоколот. Тој се познава себеси подобро од кој било друг и не сакаше да ризикува“, заклучи Форџ.

Швајцарецот ги победи Денис Истомин, Марин Чилиќ и Доминик Кепфер во Париз. Во четвртото коло, тој требаше да игра против Матео Беретини. Италијанецот без борба се пласираше во четвртфиналето, каде ќе ги одмери силите со Новак Ѓоковиќ.

Се вчитува...