Прволигашите бараат од Владата промена на критериумите за ваучер системот од Законот за спорт

На состанокoт на Oдборот на прволигаши кој се одржа денеска во просториите на Фудбалската федерација на Македонија единствена точка на дневен ред беше Законот за донации во спорт и ваучер-системот.

Порај претставниците на клубовите на состанокот беа присутни и в.д. претстедателот на ФФМ, Муамед Сејдини, генералниот секретар Филип Поповски, како и советникот за спорт во Владата на РМ, Даниел Димевски. На покана на одборот на прволигаши, како гости исто така беа присутни и екипи, претставници од Втората македонска фудбалска лига.

На средбата, советникот за спорт во Владата на РМ го објасни системот за доделување на ваучери од страна на државата на средствата во висина од 6.000.000 евра за сите спортови.

Констатацијата на клубовите беше дека критериумите кои се бараат во правилникот изготвен од Агенцијата за млади и спорт се премногу високи за фудбалските екипи. Тие исто така забележаа дека сумата за распределба која следува на фудбалските екипи е премала. В.д претседателот на ФФМ, Муамед Сејдини потенцираше дека ќе го подржи секое барање на екипите на Прва и Втора МФЛ.

На крајот на средбата беше договорено да се изготви барање заедно со ФФМ и на некој начин доколку е можно да се издејствува во иднина промена на критериумите за доделување на ваучери прилагодени на специфичностите на фудбалот, независно од другите спортови.

Беше договорено подготовката на ваквото барање да се разгледува на следната средба закажана за петок (1. март) во Фудбалската федерација на Македонија.

Се вчитува...