Прволигашите ултимативно: Или ќе има ваучери, или ќе нема ракомет

Екипите од Првата ракометна лига со обединет став излегоа на состанок во просториите на РФМ, со претставникот на Агенцијата за Млади и Спорт – да се повлечат од натамошно натпреварување доколку не им бидат доделени ваучери за помош во финансирањето. Разочарани бидејќи ниту еден од нив не се најде на листата на добитници на ваучери, екипите испратија ултиматум до одговорните лица.

Сакаме да бидеме дел од ваучер-системот, нешто што претходно ни беше ветено, а не беше остварено. Заедничкиот став е креиран, најмалку 16 клубови се потпишуваат на иницијативата – доколку она што го бараме не биде исполнето во следната сезона нема да се натпреваруваме. Бараме да се реагира што поскоро бидејќи веќе во текот на месец јуни се роковите за пријава во лигите пропишани од страна на РФМ“ – истакна Дарко Петровски, претставник на екипата на Аеродром.

„Ние сме базата на ракометот, сите имаме не само екипи во Првата лига, туку и во речиси сите младински категории, од каде потоа и суперлигашите земаат ракометари. Навистина е неразбирливо како може да се нема слух и да бидеме оставени во немилост на државата, особено откако претходно истиот тој ваучер-систем беше најавуван како помош за сите спортови и клубови, а сега излезе нешто сосема поинакво“ – додадоа дел клубовите на состанокот во Ракометната Федерација на Македонија.

Поранешниот кошаркар на МЗТ Скопје и Работнички, Огнен Стојановски, беше претставник на Агенцијата за Млади и Спорт на овој состанок.

Свесни сме за проблемот со кој се соочувате, кој не е единствен бидејќи во слична ситуација се наоѓаат уште неколку спортови. Ова што вие го потенцирате како проблем и што го барате како решение ќе биде пренесено до највисоките инстанци, кои потоа ќе ја донесат конечната одлука. Во моментов не можам ниту да ви ветам дека барањата ќе ви бидат исполнети, ниту пак да кажам дека ќе останете без ваучери“ – објасни Стојановски.

Повеќе од јасно е дека постои проблем, и тоа сериозен, а на одговорните е да се обидат да најдат решение. Бидејќи доколку се остварат заканите од ултиматумот на клубовите, тоа ќе биде лошо за сите страни. А најмногу за ракометот.

Се вчитува...