Францускиот шампион ПСЖ е првиот тим што обезбеди пласман на годинашниот Ф4 турнир од Лигата на шампионите во Келн, откако во полуфиналето со две победи го елиминира Кјелце. Во денешниот четвртфинален реванш кој го водеа македонските судии Славе Николов и Ѓорѓи Начевски, ПСЖ го победи Кјелце со 35-32 и го поврди своето место во Келн. Парискиот тим пласманот во Келн практично го обезбеди уште на првиот меч во Полска во кој одигра сензационално прво полувреме и на крај славеше со 28-34. За ПСЖ ова е трето по ред учество на завршниот турнир во Лигата на шампионите. Во конкуренција за пласман на годинашниот Ф4 турнир во ЛШ се уште две француски екипи – Нант и Монпелје.
Кјелце влезе агресивно во мечот во обид да го надополни тоа што го испушти на првиот дуел на домашен терен. Полскиот првак поведе со 1-4 и до 20.минута избраниците на Талант Душебаев беа во предност, но не успеаја да стигнат на повеќе од три гола позитива. Неколку карактеристични одбрани на Тиери Омејер и неколку проектили на Микел Хансен беа доволни ПСЖ да ја преземе контролата на играта и прв пат да дојде во водство со 10-9. На крајот од првиот дел домаќините имаа предност од 17-15.
Но, Кјелце не се откажуваше и на стартот на вториот дел стигна до ново изедначување на 18-18, а потоа и да поведе со 18-19. Како што одминуваше натпреварот растеше нервозата кај полскиот шампион и тензијата на терен која македонските судии успешно ја држеа под контрола.
Под притисок да ги достигнат оние шест гола негатива од првиот меч, ракометарите на Кјелце на моменти и грешеа од чисти ситуации и не успеваа да зголемат на повеќе до два гола разлика (22-24). На другата страна, ПСЖ поголем дел од работата заврши уште минатата недела во Полска, па сега можеше мирно и без преголем напор да го држи под контрола активниот резултат за пласман на Ф4 во Келн. Во завршната четвртина францускиот првак влезе со гол предност 26-25 и рутински ја зголеми предноста во финишот потврдувајќи ја својата доминација во овој дуел со Кјелце.
Десниот бек, Недим Ремили го предводеше нападот на ПСЖ со девет гола, по пет постигнаа Микел Хансен и Јеспре Нилсен. Кај Кјелце најефикасни беа Алекс Душебаев и Карол Бјелецки со по пет гола.
Во другите три четвртфинални дуели утре играат: Вардар – Кил, Скјерн – Нант и Монпелје- Фленсбург.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА