ПСЖ ги слави Меси и Донарума, Атлетико ги скрши срцата на „росонерите“

ПСЖ во дербито на колото го совлада Манчестер Сити со 2-0. Пеп Гвардиола може да жали за промашените шанси на своите фудбалери, кои од одлични ситуации не успеаја да го матираат Донарума. Геј го отвори резултатот на самиот почеток, а потоа при резултат 1-0 гостите промашија неколку стопроцентни шанси, пред се онаа кога во рок од неколку секунди Стерлинг и Бернардо Силва ја затресоа гредата од голот на домаќините.

Сити имаше повеќе од играта и во вториот дел, но прими уште еден гол кога Меси тргна во контранапад, па по двојното проигрување со Мбапе маестрално го матираше Едерсон.

Ливерпул неочекувано лесно и убедливо го декласираше на гостински терен Порто со 1-5. „Црвените“ поведоа со 0-3 со головите на Салах (два) и на Мане, по што Клоп ги повлече од игра стрелците на погодоците, чувајќи ги за неделното дерби со Манчестер Сити. Порто намали на 1-3, но потоа на сцена стапи „резервистот“ Фирмино, кој со два гола стави печат на победата.

Драматично беше на дуелот меѓу Милан и Атлетико Мадрид, на кој „росонерите“ имаа целосна контрола и водство со голот на Леао. Ситуацијата се промени по црвениот картон на Кеси во 30. минута, а по бројните промашени шанси гостите успеаја да стигнат до израмнување со голот на Антоан Гризман. Се очекуваше крај на мечот, а потоа во 95. минута беше досуден пенал што Суарез го претвори во гол за целосен пресврт и триумф на Атлетико од 1-2.

Борусија Дортмунд и без повредениот Халанд славеше со 1-0 над Спортинг Лисабон. Мален го постигна погодокот за победа на мечот на кој „милионерите“ имаа уште три поништени голови.

Бриж по ремито со ПСЖ во првото коло, денеска направи нов подвиг на гостински терен совладувајќи го Лајпциг со 1-2. Нкунку ги донесе домаќините во водство, но белгискиот првак со храбра игра стигна до пресврт со головите што ги постигнаа Ванакен и Риц.

Се вчитува...