ПСЖ го купи Паредес, следен е Алан?

По долги преговори со неколку клубови за ангажман на нов фудбалер за врска, ПСЖ конечно успеа да стигне до квалитетен играч за овој дел од тимот. Станува збор за Аргентинецот Леандро Паредес, кој пристигнува од редовите на Зенит во трансфер вреден 47 милиони евра. „Светците“ петнаесетина дена водеа интензивни преговори со рускиот гигант, за на крајот да ја договорат висината на отштета. Од претходно беа договорени и личните услови со самиот фудбалер, кој ќе потпише договор на четири и пол сезони за плата од шест милиони евра годишно плус бонуси.

За Зенит ова претставува одлична заработка ако се знае дека Паредес беше купен пред две години од Рома за 23 милиони евра, а сега е продаден за двојно повисока сума.

Останува да се види дали Паредес ќе биде единственото засилување за средниот ред на ПСЖ во јануари, откако „светците“ ги интензивираа и преговорите со Наполи за Алан. Бразилецот веќе се согласил на петгодишен договор со францускиот шампион, но проблем претставува барањето на „наполитанците“ на отштета од над 80 милиони евра за продажба на овој фудбалер.

Тренерот на ПСЖ, Томас Тухел, сака да го засили овој дел од тимот откако се повреди Марко Верати, а клубот има спор со Адриен Рабио кој е префрлен во резервниот тим. На повреда исто така се жали и Бразилецот Нејмар, а ПСЖ во осминафиналето на ЛШ ќе игра против Манчестер Јунајтед.

Се вчитува...