ПСЖ го нуди Нејмар на Реал, но Зидан не го сака

Челниците на ПСЖ се обидуваат да го продадат Нејмар, но не во Барселона, туку во редовите на Реал Мадрид. Шпанските медиуми обелоденија дека „светците“ двапати го понудиле својот ас на „кралскиот клуб“, но добиле негативен одговор бидејќи тренерот Зинедин Зидан смета дека Нејмар не му е неопходен за создавање на нов моќен тим.

Односите на ПСЖ и Барселона се сериозно нарушени уште од преговорите на каталонскиот гигант со Верати, по што „светците“ реагираа со тужба до ФИФА, потоа и блокирајќи го и трансферот на италијанскиот плејмејкер. Веќе следното лето ПСЖ тргна во офанзива плаќајќи ја клаузулата за да го доведат Нејмар во Париз за сума од 222 милиони евра, што од денешна перспектива не се покажа како најдобар потег. Тој сега е незадоволен и сака да си замине од „Паркот на принцовите“, Барселона е неговата омилена дестинација, а ПСЖ не може да најде друг клуб за да го продаде.

Реал е еден од ретките со финансиска моќ за да си дозволи ваков мега-трансфер, но тренерот Зидан не сака ни да чуе за такво нешто. Французинот смета дека 200 милиони евра може да бидат потрошени многу попаметно отколку на „ѕвезда“ што може да ја наруши атмосферата во соблекувалната, а по ангажманот на  Азар и на Јовиќ не бара ни дополнителни опции во нападот.

Се вчитува...