ПСЖ го откачи Роналдо, па купи напаѓач од Ремс

ПСЖ продолжува со активностите на фудбалскиот пазар, откако „светците“ го договорија пристигнувањето на Хуго Екитике од редовите на Ремс.

Она што е интересно, францускиот првак пред помалку од 48 часа ја отфрли можноста за ангажман на Кристијано Роналдо, затворајќи ја вратата за соединување на Меси и Роналдо во иста екипа. Веднаш потоа се интензивираа преговорите со Ремс за трансферот на Екитике, играч што беше многу високо на листата со желби на новиот директор Кампос.

Впрочем, Екитике самиот одби трансфер во Њукасл откако стана јасно дека Кампос ќе застане на чело на ПСЖ и беше само прашање на време кога двата клуба ќе се договорат за висината на отштетата. Според францускиот весник „Л’Екип“, тоа се случи денеска, откако Ремс ја прифати понудата од загарантирани 30 милиони евра, плус дополнителни шест милиони евра преку неколку клаузули.

Овој 20-годишен голгетер ќе ја има улогата на прва резерва зад напаѓачкото трио Меси – Мбапе – Нејмар, а неговото доаѓање значи и сигурно заминување на Мауро Икарди.

Екитике минатата сезона настапи на 24 средби за Ремс, притоа постигнувајќи десет погодоци во француската Лига 1.

Се вчитува...