ПСЖ има 20 милиони причини да не го отпушти Покетино

Маурицио Покетино најверојатно ќе ја „преживее“ и оваа репрезентативна пауза како тренер на ПСЖ, без оглед на зголемениот притисок врз управата на клубот да му врачи отказ на аргентинскиот стратег. Се чинеше дека дното е допрено по катастрофалното издание и поразот на последното гостување против Монако, управата на клубот сериозно ја разгледуваше опцијата за тренерска смена, но превисоката отштета што би требале да ја платат ги натера „светците“ да го променат својот став.

Имено, Покетино има договор со ПСЖ до јуни 2023 година, а доколку францускиот гигант сака да го раскине истиот, Аргентинецот и неговиот стручен штаб би требале да бидат исплатени со вкупно 20 милиони евра. „Светците“ не се подготвени да ја исплатат оваа сума, особено ако се знае дека тимот е елиминиран од ЛШ, додека титулата во домашното првенство не би требало да биде доведена во прашање.

Поради ова, ПСЖ ќе почека до крајот на сезонава, потоа ќе го искористи интересот на Манчестер Јунајтед за Аргентинецот за спогодбено да ја прекине соработкатата, по што ќе доведе нов тренер.

Бројни француски медиуми најавуваат дека тоа сигурно ќе биде Зинедин Зидан, а доаѓањето на француската фудбалска легенда ќе значи и сигурно заминување на Леонардо од директорската функција, откако Бразилецот при претходната потрага по тренер го преферираше Покетино во однос на Зизу.

Се вчитува...