ПСЖ има пеколен план: Халанд на местото на Мбапе!

Ерлинг Халанд и сезонава игра во одлична форма во дресот на Манчестер Сити, но „граѓаните“ имаат причина за загриженост откако ПСЖ се вклучи активно во трката за ангажман на норвешкиот голгетер наредното лето. „Светците“ веќе се помирија со фактот дека Килијан Мбапе ќе го напушти клубот во јуни 2024 година, но Ал Келаифи е решен да доведе нова суперѕвезда на негово место, со Халанд на врвот на листата со желби на првиот човек на клубот.

Францускиот шампион веќе ја контактирал агентката Рафаела Пинамента, која се грижи за кариерата на Халанд по смртта на Мино Раиола. Подготвена е мегапонуда со значително подобри услови од она што Норвежанецот моментно го заработува во Сити, како и богата провизија за самата Пинамента, која сега е загреана да го реализира овој мегатрансфер наредното лето.

Сити нема премногу простор за маневар бидејќи во актуелниот договор на Халанд има клаузула за заминување за 200 милиони евра во летото 2024, како и клаузула за трансфер од 175 милиони евра во летото 2025 година. Токму овие клаузули се причината поради која „граѓаните“ веќе му понудија нов договор на својот најдобар стрелец. Само што, на Пинамента и на Халанд не им се брза, свесни дека можат дополнително да ја „набилдаат“ платата наредното лето.

Се вчитува...