ПСЖ му пресуди на Анчелоти – Баерн му даде отказ на италијанскиот стратег

Германскиот шампион Баерн Минхен по вчерашниот убедлив пораз од ПСЖ одлучи да му даде отказ на тренерот Карло Анчелоти. „Баварците“ веќе разгледуваат неколку опции за нов тренер, а како привремена замена ќе биде асистентот на Анчелоти и поранешниот фудбалер на Баерн, Вили Сањол. Како можно долгорочно решение се споменуваат Томас Тухел и тренерот на Хофенхајм, Џулијан Нагелсман.

Лошиот старт на сезоната отвори многу прашања, составот на Анчелоти имаше доста проблеми во домашното првенство, но неизвесноста за неговата иднина започна уште во претсезонските подготовки, поточно со одлуките во преодниот рок. Навивачите се незадоволни од заминувањето на Даглас Коста, но пред се поради тоа што Баерн Минхен потфрли во обидот да најде соодветни замени за Арјен Робен и Франк Рибери, играчите кои се веќе ветерани во тимот.

Италијанскиот стратег од Баерн Минхен заминува со една шампионска титула во Бундес-лигата, но не успеа да ја реализира главната цел на клубот, а тоа е да го освои европскиот пехар од Лигата на шампионите.

Се вчитува...