ПСЖ остана и без Мбапе

Европскиот вицепрвак ПСЖ ќе биде без ударното голгетерско трио на утрешниот меч од ЛШ против Лајпциг, откако на долгата листа на повредени играчи се приклучи и Килијан Мбапе. Францускиот репрезентативец беше заменет во второто полувреме од дуелот со Нант, а повредата на мускулот не е наивна, па лекарскиот тим даде препорака Мбапе да добие целосен одмор во следните 48 часа и воопшто да не патува за Германија.

„Мбапе има повреда на мускулот на десната нога и нема да може да патува за Лајпциг. Неговата состојба повторно ќе биде прегледана по 48 часа“, се вели во соопштението на францускиот шампион објавено утрово.

Покрај Мбапе, тренерот Тухел нема да може да смета ниту на останатите два члена од стандардното голгетерско трио, Нејмар и Мауро Икарди, а отсутни во Лајпциг ќе бидат и Верати и Дракслер. Добра вест за „светците“ е што Анхел ди Марија е „фит“ и ќе може да го предводи тимот на утрешната средба.

Се вчитува...