ПСЖ пак во небрано – одлуката за неказнување на „светците“ под ревизија

Само што помислија дека со продажбата на Берчиче во Атлетик Билбао ги решија проблемите и избегнаа казна, челниците на ПСЖ се соочуваат со нов сериозен проблем. Имено, УЕФА преку своето тело за финансиска контрола над клубовите побара ревизија на одлуката во врска со случајот против францускиот првак за нарушување на правилата за финансиски ферплеј.

Првичната одлука беше ПСЖ да не биде казнет доколку до 1 јули продаде фудбалери во вредност од 60 милиони евра, нешто што „светците“ успеаја да го сторат.

Сепак, во светот на фудбалот постои сериозен сомнеж дека правилата се задоволени бидејќи ПСЖ минатото лето потроши над 400 милиони евра на двајца фудбалери, Нејмар и Мбапе, поради што сега е покрената постапка за ревизија на првичната одлука.

„По првичната одлука во случајот против ПСЖ, претседателот на комисијата за финансиска контрола донесе одлука за ревизија на истата. Случајот ќе биде разгледуван од комисија од стручњаци“ – се вели во соопштението на УЕФА.

По ваквиот развој на настаните, „светците“ би можеле да добијат висока финансиска казна, па дури и да бидат исфрлени на една година од европските натпреварувања.

 

Се вчитува...