ПСЖ сигурен без Меси, Лион до реми со играч помалку

ПСЖ забележа нова победа во француското првенство, овојпат славејќи со 2-0 на дуелот со Монпелје. Лионел Меси повторно не беше дел од тимот на ПСЖ поради повреда, но „светците“ и без помошта на суперѕвездата рутински си ја завршија работата. Откако во претходните две кола до победи стигнуваа со голови во судиското продолжение, овојпат избраниците на Покетино лесно ги освоија бодовите.

Геје со прецизен удар од дваесетина метри го отвори резултатот во полза на ПСЖ, а конечните 2-0 во финишот ги постави Дракслер.

Многу подраматично беше на дуелот меѓу Лион и Лориен, на кој гостите во 15. минута добија огромна предност по црвениот картон што го заработи Емерсон. Веќе во следната акција Лориен поведе со еврогол од слободен удар, но гостинскиот тим не успеа да ја задржи предноста и покрај бројната надмоќ, откако Екамби реализираше за 1-1. Лион за малку ќе направеше и целосен пресврт, но голот на Пакета во 95. минута беше поништен поради офсајд.

Се вчитува...