ПСЖ со билет за фајналфор, европскиот првак нема да ја брани круната во Келн

Фајналфор турнирот во Келн во ракометната Лига на Шампиони ќе мине без бранителот на трофејот Кил, кој вечерва беше елиминиран откако го загуби реваншот од ПСЖ со резултат 34-28. „Зебрите“ допатуваа со предност од два гола во Париз, но денеска беа надиграни од страна на избраниците на Раул Гонзалес, кои остануваат во игра за првата европска круна во клупската историја.

Дуелот мина во тактичко надмудрување на двете страни, ПСЖ имаше минимално водство во голем дел од првото полувреме, на одмор заминувајќи со минимални 16-15. Мечот имаше ваков тек се до 40. минута, кога „светците“ почнаа да доминираат на теренот, лесно наоѓајќи го патот до мрежата на индиспонираниот Ландин и набрзина поведувајќи со шест гола разлика.  Сандер Сагосен ги загуби нервите порази убедливата негатива од поранешниот клуб, па поради приговор кон судиите доби двојно исклучување, потоа и црвен картон. И покрај обидите за камбек на Кил, искусниот состав на ПСЖ знаеше како да ја сочува предноста и со конечни 34-28 се пласираше на фајналфор турнирот.

Пранди со девет гола беше најдобар стрелец на ПСЖ, седум постигна Ремили, додека кај Кил најефикасен во денешниот пораз беше Сагосен со седум погодоци.

Се вчитува...