ПСЖ со среќна победа на „Олд Трафорд“, гол-шоу на Жиру

ПСЖ значително си ги зголеми шансите за пласман во осминафиналето од Лигата на Шампионите по вечерашниот триумф од 1-3 над Манчестер Јунајтед. „Светците“ први поведоа преку Нејмар, но Јунајтед израмни во првото полувреме преку Рашфорд, откако неговиот удар го закачи Данило и го измами голманот Навас. Францускиот првак имаше огромна среќа на почетокот од второто полувреме, кога домаќините пропуштија две стопроцентни шанси, најпрвин Марсијал се посрамоти од пет метри, за потоа Кавани маестрално да шутира од над дваесет метри, но неговиот обид за лоб заврши само во гредата.

Казната стигна на спротивната страна кога Маркињос погоди за 1-2, пред Нејмар во судиското продолжение да ги постави конечните 1-2. На едно коло до крајот ПСЖ, Манчестер Јунајтед и Лајпциг имаат по девет бода, а во последната рунда се среќаваат ПСЖ – Башакшехир и Лајпциг – Манчестер Јунајтед.

Челси го осигура првото место во групата Е по рутинскиот триумф од 0-4 на гостувањето против Севилја. Оливие Жиру конечно доби шанса од првата минута, а францускиот ас одигра извонредно постигнувајќи ги сите четири погодоци, со јасна порака до Френк Лампард дека заслужува далеку поголема минутажа од она што го добиваше досега сезонава.

Барселона повторно без повеќе од половина тим рутински триумфираше на гостински терен, овојпат во Будимпешта против Ференцварош со 0-3. Каталонците целата работа ја завршија во првото полувреме, кога Гризман, Бреитвајт го матираа голманот на домашниот состав.

Јувентус рутински триумфираше над Динамо Киев со 3-0, со погодоците што ги постигнаа Киеза, Роналдо и Алваро Мората.

Борусија Дортмунд ремизираше 1-1 на домашен терен со Лацио, стигнувајќи до бод со кој „милионерите“ се пласираа во осминафиналето. Халанд поради повреда воопшто не настапи, а згора на тоа незгодна повреда во самиот финиш заработи и најдобриот дефанзивец на Борусија, Матс Хумелс.

„Лацијалите“ за пласман во следната рунда ќе мора да останат непоразени на домашен терен против Бриж, кој вечерва убедливо го совлада Зенит со 3-0.

Се вчитува...