ПСЖ во офанзива по Кутињо

Раководството на ПСЖ е решено да го задржи Нејмар во своите редови, а еден од начините на кои „светците“ планираат да го сторат тоа е носењето на неговиот одличен пријател на „Паркот на принцовите“. Станува збор за Филипе Кутињо, кој важи за најдобар пријател на Нејмар во бразилскиот тим и за кого „ѕвездата“ на „кариоките“ не крие дека сака да го има крај себе и на клупски план.

Впрочем, Нејмар лобираше за Кутињо да дојде од Ливерпул во Барселона, но потоа се случи Бразилецот да си замине од „Камп ноу“, пред неговиот сонародник да пристигне во каталонската престолнина. Големи се шансите двајцата да заиграат заедно во ПСЖ откако челниците на францускиот првак му ветиле на својот голгетер дека ќе сторат се што можат за да го доведат неговиот добар пријател на „Паркот на принцовите“.

Во прилог на ПСЖ оди фактот дека Кутињо воопшто не се снајде во тактиката на Барселона, па каталонските медиуми се почесто го критикуваат, потсетувајќи дека Барса плати 150 милиони евра за неговите услуги. ПСЖ нема да ја израмни тааа сума, но „светците“ се убедени дека и 100 милиони ќе бидат доволни за договор со Барса, особено во ситуација кога каталонскиот гигант веќе го засили средниот ред со Де Јонг од Ајакс.

Се вчитува...