ПСЖ во офанзива: Жоао Феликс станува „светец“ уште во јануари

Жоао Феликс е несреќен што ја грее клупата во Атлетико Мадрид, а ПСЖ тргна во офанзива за да го доведе португалскиот ас на „Паркот на принцовите“ уште во јануарскиот преоден рок. Португалецот не го крие своето незадоволство, а Диего Симеоне веќе ставил до знаење дека би дал зелено светло за заминување на скапиот голгетер доколку добие интересна понуда.

Атлетико плати 120 милиони евра за да го доведе Феликс во тимот од Бенфика во 2019 година, но Жоао никогаш не се вклопи целосно во тактичките замисли на Симеоне. Аргентинскиот стратег сезонава инсистира на Алваро Мората како централен напаѓач, со помош на Кореа и Гризман, а лимитираната минутажа на месец дена до стартот на СП во Катар дополнително го фрустрира Жоао Феликс.

ПСЖ бара дополнително засилување за навалната линија, што „светците“ се подготвени да го доведат уште во јануари иако во тимот веќе ги имаат Нејмар, Меси и Мбапе. Договорот на Меси истекува на крајот од сезонава, а и незадоволниот Мбапе летово би можел да го напушти клубот, па јасно е зошто челниците на „светците“ во Феликс гледаат како на играч што долгорочно би бил еден од лидерите на нападот на францускиот гигант.

Како опција се споменува позајмица на шест месеци во јануари, што Атлетико Мадрид е подготвен да ја прифати доколку има клаузула за задолжителен откуп, за сума од најмалку 100 милиони евра.

Се вчитува...