Пу-пу не важи: Вардар го барал Писонеро назад пред да го донесе Алушовски

Давид Писонеро беше најавуван како „третото шпанско чудо“ на Вардар, откако претходно Раул Гонзалес и Роберто Парондо ги одведоа „црвено-црните“ до тронот на ракометна Европа. И Писонеро почна одлично, но по поразот на домашен терен од Кил тој неочекувано беше променет. Дека станува збор за грешка е и повеќе од јасно од сегашна перспектива, откако Кокшаров се покажа како тотално промашување на тренерската функција, со Писонеро како помошник на клупата.

Ова придонело управата на Вардар да се премисли, па дури и да му понуди на Писонеро враќање на улогата шеф на стручниот штаб. Ова го потврди и самиот Писонеро во изјава за шпанските медиуми, потенцирајќи дека без многу размислување ја одбил понудата.

„Ми се извинија, ми рекоа дека избрзале со понудата и ми понудија пак да бидам прв тренер. Ги одбив бидејќи нема никаква смисла. Моја желба е да останам во Шпанија, воопшто да не се враќам во Скопје, но имам договор со Вардар и доколку не успеам да го раскинам во следните денови, ќе морам да одам пак во Македонија. Воопшто не сум разговарал со новиот тренер Алушовски, сметеам дека нема потреба бидејќи сум сконцентриран само на заминувањето од клубот“истакна Писонеро.

Шпанецот откри и дека по работата во Вардар, тој веќе добил неколку понуди за следен ангажман.

„Имам повеќе од една понуда на маса, но се уште немам одлучено. Не станува збор само за шпански екипи, но не е се така едноставно бидејќи сакам да заминам заедно со семејството, да не се селам сам во друга земја“ – вели Писонеро.

Се вчитува...