Работнички без странците издржа само едно полувреме во Кавадарци

Еуро Никел ја забележа и четвртата победа во низа во кошаркарскиот шампионат откако славеше над Работнички со резултат 95-77. Една моќна четвртина, онаа третата, беше доволна за кавадарчани да го скршат отпорот на гостите од Скопје и да стигнат до триумф, со кој ја оставаат далеку зад себе кризата со која се соочија пред околу еден месец. Причина за падот во играта на гостинскиот состав дефинитивно е неиграњето на странците Пол, Мацура и Мустафица, па подмладениот состав на Тони Симиќ само едно полувреме можеше да му парира на актуелниот вицепрвак.

ЕуроНикел беше подобар ривал во првата четвртина во која домашните кошаркари го контролираа резултатот, но ја добија со минимални 21-20. Златевски и Горјан Марковски донесоа пресврт, „центарци“ заминаа на одмор со водство од 41-45, но тоа беше се што Работнички успеа да стори на овој меч. Кавадарчани одиграа фуриозна трета четвртина што ја добија со 35-20, за потоа во последните десет минути игра да стигнат до уште поубедлива победа, изразена со конечни 95-77.

Џекиќ беше најдобар поединец во победничката екипа со 24 постигнати поени, по 14 постигнаа Дубински и Калахан, додека најефикасни кај Работнички беа Златевски со 25 и Горјан Марковски со 22 поени.

Се вчитува...