Работнички доведе Бразилец, напаѓачот Јаго Гомес

Бразилскиот интернационалец Јаго Виторино Силва Гомес е ново засилување на македонскиот прволигаш Работнички за претстојната сезона, објави клубот на официјалниот сајт. Тој потпиша едногодишен договор со „романтичарите“, со опција за продолжување на соработката за уште една дополнителна сезона. Јаго Гомес пристигна во Скопје и веќе му се стави на располагање на шефот на стручниот штаб Александар Влахо во тренажниот процес.

Тој ќе ја засили конкуренцијата во нападот. Јаго Гомес има 26 години, игра како класичен напаѓач, а може да одговори на задачите и на десната крилна позиција. Доаѓа од португалскиот третолигаш Армасененсес, каде минатата сезона одиграл 35 натпревари и постигнал 11 гола. Младинските категории ги минал во школата на Фламенго, а потоа кариерата ја гради во Португалија, во клубовите Фаренсе, Лулетано, Лагоа, Фаро, Луситано и Армасененсес.

Се вчитува...