Работнички е во финалето, Блокотехна не успеа да го освои Скопје

Работнички е вториот финалист во кошаркаркиот плејоф откако актуелниот шампион славеше во мајсторката против Блокотехна со резултат 88-78. Иако конечниот исход е убедлив, за раззликата од претходните четири средби овојпат три и пол четвртини се водеше израмнета битка. На крајот сепак пресуди поголемото искуство на „центарци“, кои беа поприсебни во нападот, стигнаа до двоцифрена предност и заслужено се радуваа на победата.

Идентично како и на претходниот натпревар во Скопје, Блокотехна дојде до почетна предност од 5-10, но Работнички набрзина се консолидираше. „Црвено-белите“ рутински влегуваа во рекетот и реализираа  лесни поени, го свртеа резултатот во своја полза, но по тројката на Младеновиќ стартната четвртина ја завршија со само еден поен предност (21-20). Плејмејкерот на Блоко продолжи со одлична игра и на стартот од вториот дел, а откако Марјан Илиевски се реши за зона во одбраната, гостите влегоа во серија и поведоа со 28-34. Во Докузовски побара тајмаут, а неговите совети вродија со плод, па Работнички набрзина ја консолидираше играта и влезе во добра серија во нападот. На спротивната страна гостите промашија четири слободни фрлања (Младеновиќ и Глигоријевиќ по две), па со тројката на Чековски „центарци“ на одмор заминаа со предност од 43-41.

Пен поради повреда не можеше да помогне во рекетот, а Чековски го искористи тоа за лесни реализации на почетокот од второто полувреме. Работнички поведе со 57-50, но Блокотехна како и многу пати досега покажа карактер, па  со осум поени во ниа направи пресврт и го принуди Докузовски на нов тајмаут. Јанески погоди тројка во приот напад по тајмаутот, а згора на тоа Фундербург уште во третата четвртина ја доби четвртата лична грешка, па беше преселен на клупата. До крајот на четвртината се играше израмнето, а со поените на Чавдар Костов во последните десет минути се влезе со резултат 67-64.

Работнички се обиде да се одлепи, Блокотехна стигна до 69-68, резултат при кој Глигоријевиќ не реализираше слободно фрлање за израмнување. Чавдар Костов врати со пет поени во низа, па Илиевски побара тајмаут при „минус шест“ за неговата екипа. Работнички поведе и со 79—79-70, а потоа со тројката на Чековски и со „плус десет“ (84-74), кршејќи го отпорот на гостите од Гевгелија на три минути до крајот. „Црвено-белите“ рутински го приведоа мечот до крај и стигнаа до победата која им донесе место во големото финале.

Чавдар Костов со 27 поени и 11 скокови беше најзаслужен за победата, Чековски постигна 16 поени, додека кај Блокотехна најефикасни беа Мијатовиќ со 22 и Младеновиќ со 21 поен.

Финалната серија стартува в петок во „СЦ Јане Сандански“, со почеток во 17.30 часот.

Се вчитува...