Работнички фаќа ритам – победа и против Ловќен

Три натпревари му беа потребни на Работнички да ги консолидира своите редови и да одигра на своето ниво. Одличната одбрана на клучните играчи на Ловеќен, Поповиќ и Џукановиќ во поголемиот дел од натпреварот го наруши ритамот кај составот од Цетиње, а по „загревањето“ во првото полувреме, проработе и шутот од далечина па Работнички стигна до втората победа во АБА2 лигата, овој пат со 82-77 .

Работнички лошо го отвори натпреварот. Центарци не ги служеше шутот, погодија само три од првите 16 шута, но на паркетот го имаа расположениот Питс кој со својата енергија го држеше тимот во игра. Американецот градеше топки, постигнуваше поени и „удираше“ блокади па Работнички водеше со 17-16 по 10 минути игра. Македонскиот состав бргу влезе во проблем со лични грешки, но во полза на „црвено-белите“ беше лошиот шут од линијата за слободни фрлања на Црногорците. Поените од втора шанса беа главната разлика во овој дел од натпреварот па на полувремето Работнички замина со предност од 39-32.

Второто полувреме не донесе ништо различно. Одбраната продолжи да биде во прв план кај двата тима, а прв кој навидум го најде решението беше Работнички кој со зона го изненади Ловќен, додека Питс продолжи да „стрела“ на противната страна па набрзо Работнички поведе со двоцифрена предност (47-35). Проблемот со лични грешки не ги заобиколи центарци, се потешко беше да се одигра агресивната одбрана и да се одбрани рекетот, но во најдобро можно време проработе шутот за три поени. Зоната на Црногорците беше пробиена до шут од далечина со кој Работнички замина на предност од +16 (68-52) и рутински го приведе натпреварот до крај и покрај падот на ритамот и обидите на Ловќен да се врати во игра при самиот крај на натпреварот.

Предвоник на Работнички со 19 поени, 6 асистенции и 5 украдени топки беше Дамиер Питс. Стефан Балмазовиќ додаде 18 поени и 4 скока, додека Кирил Николовски натпреварот го заврши со 13 поени.

Се вчитува...