Работнички го покажа својот квалитет – историската победа над Подгорица

По поразот во првото коло од АБА2 „балонот“ Работнички успеа да стигне до триумф над Подгорица со 70-76. За разлика од првиот натпревар македонскиот вицепрвак овој пат одигра блескаво прво полувреме, го служеше шутот за три поени, а одигра далеку подобро и во одбраната каде дозволи само 33 поени, па и покрај полошата игра во продолжетокот од натпреварот заслужено дојде до посакуваната победа.

Избраниците на Димитар Мираковски одлично го отворија денешниот натпревар. Добрата игра на двата дела од теренот, надополнета со одличен шут за три поени донесе огромна предност од 12-30 за Работнички по 10 минути игра. „Црвено-белите“ продолжија со доброто напаѓачко и одбранбено темпо и во вторите десет минути, а и покрај падот во шутот зад линијата 6,75, големата предност остана и по комплетирање на првиот дел од натпреварот (33-48).

Црногорците подобро го отворија второто полувреме. Агресивната одбрана направи проблеми кај нашиот состав во нападот со што Подгорица успеја да стигне и до едноцифрена негатива и во третата четвртина. За разлика од првото полувреме, на Работнички не му беше во полза шутот од далечина, па на почетокот на последната четвртина Подгорица стигна и до негатива од еден напад и најавинеизвесна завршница. Работнички повторно ги зема работите во свои раце, одигра стабилно и преку американскиот тандем Питс-Вашингтон стигна до посакуваната победа.

Дуото Дамиер Питс-Девон Вашингтон ги предводеа „црвено-белите“ со 21 поен и 6 скока, односно 19 поени и 6 скока, додека Стефан Балмазовиќ додаде 12 поени и 3 асистенции.

Се вчитува...