Работнички го продолжи договорот со Деан Митрев

Работнички го продолжи договорот со дефанзивецот Деан Митрев за уште една сезона. Тој се договори со раководството на „романтичарите“ за обновување на соработката и за следната сезона. Иако имаше понуди од неколку македонски прволигаши, Митрев одлучи да остане во Работнички и ќе биде значаен дел од составот за настапите во квалификациите за Лигата на Европа и на домашната сцена.

„Ја продолживме соработката со Деан Митрев за уште една година. Тој и во претстојната сезона ќе го носи дресот на Работнички. Се работи за квалитетен одбранбен фудбалер, веќе докажан во македонскиот фудбал и драго ни е што и понатаму ќе биде дел од нашиот клуб“, изјави спортскиот директор на Работнички, Иван Поповски, за официјалниот сајт на клубот.

„Романтичарите“ досега доведоа четири нови засилувања во овој летен преоден рок. Во клубот од Дебар Маало пристигнаа Оливер Пеев, Филип Петковски, како и српските интернационалци Љубомир Стевановиќ и Душан Стевиќ.

Работнички в понеделник, со почеток во 11 часот, ќе ја има првата прозивка, со што ќе биде означен и стартот на летните подготовки.

Се вчитува...