Рабтнички во голем стил се рехабилитираше од убедливиот пораз во Гевгелија во вторникот, па вечерва го декласираше составот на Блокотехна со убедливи 91-73, за водство од 2-1 во полуфиналната серија. Лекцијата од минатиот меч беше научена, па овојпат Работнички одигра беспекорно во нападот, лесно наоѓаше лек за одбраната на Блокотехна и на крајот заслужено се радуваше на победата, која го носи на само еден чекор до ново финале со вечниот ривал МЗТ Скопје.
Блокотехна подобро го отвори натпреварот и набрзина поведе со 5-10, иако Мијатовиќ по само една минута веќе доби две лични грешки. Работнички не дозволи да се повтори претходниот натпревар во кој тимот од Гевгелија набрзина стигна до убедлива предност. Благодарение на тројките на Стајиќ „центарци“ експресно се вратија, па со беспрекорна игра во нападот ја добија првата четвртина со 28-23. Блоко на самиот почеток од вториот период израмни на 28-28, но потоа следеше нова серија на домашниот тим, кој го контролираше резултатот и на одмор замина со предност од десет поени (51-41) со тројката што во самиот финиш ја постигна Мираковски.
Најинтересна беше третата четвртина, што Работнички ја отвори извонредно и поведе со 16 поени разлика (61-45). Фундербург погоди тројка под фаул на Стајиќ, по што гостите влегоа во ритам и експресно ја истопија предноста на противникот. Избраниците на Илиевски се приближија на само пет поени (65-60), при што имаа и напад, но Американците Фундербург и Пен почетнички ја загубија топката. Работнички во својот последен напад реализираше тројка преку Стајиќ, по што „црвено-белите“ тотално доминираа во последните десет минути и на крајот заслужено триумфираа со конечни 91-73
Чавдар Костов оствари дабл-дабл од 19 поени и 12 скокови, Чековски и Стајиќ постигнаа по 18, а Стајиќ и Караџовски по 12 поени за Работнички. Во таборот на Блокотехна најефикасен беше Пен со 23 поени, додека Фундербург постигна скромни 11 поени со слаб шут од поле (3/12).
Четвртиот натпревар се игра в недела во Гевгелија. Победникот од оваа полуфинална серија во големото финале ќе се сретне со МЗТ Скопје, кој денеска го запечати осмото финале во низа со убедливи 3-0 во полуфиналните пресметки со Гостивар.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА