Работнички ја пречекува Академија ФМП на отварањето на седмото коло

Прволигашката кошарка продолжува денеска со првиот натпревар од 7. коло во кој Работнички ја пречекува Академија ФМП од 18 часот во СРЦ „Кале“.

Домаќините на овој натпревар бараат враќање на победите по убедливиот пораз од МЗТ Скопје во вечното дерби, а „академиците“ продолжување на победничката низа која досега брои четири триумфи едно по друго.

„Го оставивме зад себе оној лош настап во дерби дуелот со МЗТ Скопје, и веќе одамна сме насочени кон она што следува, средбата со Академија ФМП. Работевме доста на корекција на грешките кои ги имавме доста на таа средба. Пред нас е екипа која никако не смее да се потцени, напротив. Мора да „потрошиме“ големо количество енергија за да бидеме подобри од нив. Со вистински пристап кон обврските ќе бидеме поблиску до тоа, да дојдеме до победата“, вели Тони Симиќ.

„Со оглед на тоа дека двете екипи се со идентичен скор на табелата, очекувам доста изедначен натпревар. Според мене, клучен момент на средбата ќе биде одбраната, како и скок-играта. Искрено, се надеваме на продолжување на победничката серија“, вели Филип Бакоч.

Возбудувањата продолжуваат во сабота со натпреварот на колото во кој Гостивар го пречекува ТФТ. „Сино-белите“ на овој меч ќе бараат враќање на победите по неверојатниот пораз од Феникс 2010, а ТФТ влез во нова победничка низа.

Натпреварите на овие две екипи претходната сезона дoнесоа одлична борба во која двете екипи успеаја да го одбранат домашниот терен, дали ќе биде така и оваа сезона останува да видиме.

Во недела не очекуваат два натпревара, еден во Куманово и еден во Кавадарци. Кумановци ќе бараат излез од кризата на дуелот против Кожув од 19 часот, а од 19 часот и 30 минути со иста цел влегува и Еуро Никел, но на кавадарчани нема да им биде лесно против новалијата Феникс 2010 кој оваа сезона докажа дека е пријатно изненадување.

Седмото коло ќе биде комплетирано во вторник со натпреварите на АБА-лигашите. Првиот од нив ќе биде одигран во Аеродром каде МЗТ Скопје 2 ќе бара изненадување против Пелистер, а вториот од 18 часот и 30 минути во Кисела Вода каде Ангели ќе ја бркаат првата победа во сезоната против МЗТ Скопје.

Се вчитува...