Работнички мора да победи, Вардар гостува во Кратово, жешко ќе е и на Чаир

Последни три кола од шампионатот во Првата лига. Патниците за Европа се познати, останува можеби уште едно место (четвртото) доколку Академија Пандев го освои Купот, но затоа е неверојатно интересно во битката за опстанок. Работнички влезе во негативна серија и падна долу, на само два бода од осмопласираниот Силекс, па има императив да слави на денешниот меч против Македонија ЃП. На „лавовите“ исто така им се потребни бодовите и се очекува везбудлив дуел на арената „Тоше Проески“.

„Дојдовме во опасната зона. Едноставно мора да победиме. Заборавивме да победуваме на домашен терен, време е…Македонија ЃП е квалитетен тим, бодовите исто така им се потребни, но ние сме во ситуација кога немаме друг избор. Само триумф е опција и фудбалерите тоа навистина добро го разбираат. Мораме да реагираме соодветно“, истакна шефот на стручниот штаб на Работнички, Баже Лазаревски.

Македонија ЃП е со мислите кон финалето на Купот, но мора да одработи за опстанок и во шампионатот.

Силекс ќе има тешка задача во Кратово против Вардар. „Црвено-црните“ покажаа дека ќе играат максимално за клупскиот дрес на секој меч, но останува фактот дека бодовите сепак многу повеќе им требаат на кратовци.

Шкупи се надева дека може да излезе во Европа преку четвртата позиција, а Беласица „гази“ се пред себе во битката за опстанок. Ќе биде жешко денеска и на Чаир.

Во Тетово, Ренова ќе го пречека составот на Академија Пандев, кој обезбеди европско лето и сега исто така е фокусиран на финалето на Купот. Победа е веќе во Втората лига, а во Кочани ќе биде домаќин на шампионот Шкендија.

ДВОЈКИ ПРВА ЛИГА, 34.КОЛО (16.30 ч.)

Скопје: РАБОТНИЧКИ – МАКЕДОНИЈА ЃП

Кратово: СИЛЕКС – ВАРДАР

Тетово: РЕНОВА – АКАДЕМИЈА ПАНДЕВ

Чаир: ШКУПИ – БЕЛАСИЦА

Кочани: ПОБЕДА – ШКЕНДИЈА   

 

Се вчитува...