Работнички му врати со камата на Феникс (фотогалерија)

Работнички ја продолжи доминантната серија на прволигашката сцена откако во скопската пресметка го декласираа составот на Феникс со преубедливи 69-98. „Центарци“ загубија од овој противник со 70-87 на мечот одигран на 2 декември, кога избраниците на Самарџиев беа „построени“ од навивачите на Работнички, но токму по овој „кикс“ црвено-белите влегоа во победничката серија која се уште трае.

Кошаркарите на Работнички првото двоцифрено водство го имаа во 10. минута кога Рикиќ погоди за 14-25, предност околу која резултатот се движеше и во вториот период, по кој гостите заминаа на одмор со 38-48. Клучна за конечниот исход беше третата четвртина која мина во апсолутна доминација на Работнички, гостите постигнаа 30 наспроти само 12 поени на Феникс, разрешувајќи ги сите дилеми околу победникот на десет минути до крајот на мечот (50-78).

Огромната предност придонесе двајцата тренери во последната четвртина да уфрлат и дел од помладите кошаркари, тоа немаше посериозно влијание врз резултатот, па Работнички заслужено триумфираше со преубедливи 69-98.

Младиот Шошкиќ одигра одличен натпревар и со 19 поени беше најефикасен во таборот на Работнички, пред Џелетовиќ со 16 и Рикиќ со 15 постигнати поени. Димитриев со 12 поени беше најдобар стрелец на Феникс во вечерашниот убедлив пораз

Се вчитува...