Работнички и МЗТ Скопје на поправен во АБА2

Работнички и МЗТ Скопје ќе се обидат да го поправат впечатокот по разочарувачките игри и порази, за на денешните натпревари да стигнат до првите победи од турнирот на Златибор од АБА2-лигата.

По дебаклот во премиерниот натпревар во АБА2, нашиот најтрофеен клуб ќе се обиде да го поправи изгледот на денешниот натпревар во кој ќе се соочат со составот на Подгорица (17 часот). Победата нема да дојде сама од себе, Работнички ќе мора да се „испоти“ на терен против младиот тим кој докажа дека не е за потценување со победа над МЗТ Скопје.

„Ќе биде тешок натпревар. Тоа е млада, „полетна“ екипа, но ние ги знаеме своите предности и ќе се обидеме да го наметнеме нашиот ритам, а имаме и доволно искусна екипа за да можеме тоа да го направиме. Тренерот и стручниот штаб одлично работат и се припремаат за секој натпревар и сигурен сум дека ќе бидеме спремни за надмудрување. Ние мораме да одиграме онака како што сакаме, да се држиме до нашиот план, исто како што одигравме и во македонското првенство“ – изјави за ЕКИПА, Карло Враговиќ.

Со почeток во 21 часот на теренот ќе излезат и кошаркарите на МЗТ Скопје, кои за ривал ќе го имаат составот на Сутјеска. Избраниците на Ѓорѓи Кочов ќе мора да го остават зад себе разочарувачкото издание и поразот од Подгорица, со оглед на фактот дека денешниот ривал барем на хартија важи за поквалитетен состав од оној од кој „металците“ завчера беа поразени. Добра вест за Кочов е што во тимот на располагање ќе го има новиот крилен центар Карачиќ, кој ќе биде од огромна помош во ситуација кога МЗТ во своите редови ги нема Крстевски и Маслинко.

Се вчитува...