Работнички со одлична игра триумфираше со убедливи 87-79 на домашен терен против Блокотехна, отворајќи ја полуфиналната серија од кошаркарскиот плејоф. За „центарци“ ова беше прв натпревар како домаќини во СЦ „Борис Трајковски“, избраниците на Марин Докузовски одлично се снајдоа во оваа арена, водеа од почеток до крај и ја прекинаа мини-серијата од два порази од Блокотехна претрпени во Супер-лигата.
Кошаркарите на Работнички уште од самиот почеток го контролираа резултатот, не дозволувајќи гостите од Гевгелија да влезат во посакуваниот ритам. Чековски беше адутот на Докузовски во првото полувреме, во кое ветеранот постигна дури 19 поени без промашување од поле (9/9). На одмор се замина со водство на актуелниот шампион од 47-42, за потоа отпорот на гостинскиот тим да биде скршен во третата четвртина. Пресудна беше серијата од 13-2 кон средината на третиот период, кога Работнички се одлепи на 15 поени разлика (64-49). Блокотехна и покрај обидите не успеа посериозно да се приближи, „црвено-белите“ рутински ја одржаа предноста до крајот и заслужено триумфираа со конечни 87-79.
Центрите на Работнички ја завршија најважната работа, Чековски постигна 25, а Крстевски 21 поен, додека со добра игра се истакна и Караџовски, остварувајќи дабл-дабл од 14 поени и 11 асистенции. Фундербург со 20 и Мијатовиќ со 19 поени беа најефикасни во таборот на Блокотехна.
Вториот натпревар од оваа полуфинална серија ќе се игра во вторник во салата „НОЕЛ“ во Гевгелија.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА