Работнички падна во Аеродром, МЗТ зема залет пред плејофот

МЗТ Скопје во четвртиот обид во прволигашките пресметки вечерва првпат го зеде скалпот на Работнички, нанесувајќи му го само вториот пораз во целата сезона на тимот на Марин Докузовски (80-76). Дербито донесе квалитетна игра и бројни пресврти, за сепак во клучните моменти „сино-белите“ да одговорат на предизвикот, да одиграат подобро во самиот финиш и на крајот заслужено да стигнат до победата. Овој триумф, надополнет со претходните над Блокотехна и Гостивар, е доказ дека шампионот зема залет во пресрет на плејофот, каде Ѓорѓи Кочов и неговите избраници се решени да ја одбранат ланската титула. Денешната победа и дефинитивно му ја донесе на МЗТ позицијата број 2 и предноста на домашниот терен во полуфиналето против Блокотехна, а за Работнички претставува повик за будење и подобрување во пресрет на клучните битки за титулата.

Работнички подобро го почна мечот и набрзина поведе со 4-10, но МЗТ експресно се врати благодарение на Маслинко, кој со шест брзи поени донесе израмнување на 12-12. Во финишот од првата четвртина во ритам влезе Американецот Крофорд, кој украде неколку топки од кои МЗТ лесн реализираше, па по десет минути игра резултатот гласеше 24-22. „Сино-белите“ го отворија вториот период со серија од 10-4, а потоа со тројката на Крофорд стигнаа и до најубедливи „плус девет“ (37-28). Работнички не се предаде, одговорноста ја презеде Чавдар Костов и гостите експресно се вратија, па на одмор се замина со само четири поени предност за МЗТ (47-43). Во ова прво полувреме извонреден беше Костов кај Работнички со 20 поени, додека кај МЗТ Скопје Американецот Крофорд имаше 10 поени, 6 асистенции и 3 украдени топки.

Со ефикасна игра се продолжи и на стартот од третата четвртина, повторно МЗТ Скопје беше тимот што го диктираше резултатот, но потоа и двата тима затаија во нападот, правејќи низа грешкии или промашени шутеви. Работнички со тројката на Костов израмни на 54-54 во 27. Минута, четвртината заврши со 60-57 откако домаќините пропуштија можност за поубедлива предност со лошото додавање на Крофорд до Спасојевиќ.

Битката продолжи и во последната четвртина, а кога Работнички поведе со 65-66, со поените по офанзивен скок на Чавдар Костов, тренерот на домаќините Кочов побара тајмаут. Гостите имаа и 65-68, но потоа МЗТ направи серија од 7-0, па Докузовски беше принуден да побара минута одмор. Овојпат неговите совети не вродија со плод, „металците“ продолжија со сигурна реализација во нападот, па на две и пол минути до крајот актуелниот шампион имаше водство од 76-70.

Гостите стигнаа до 78-73 и имаа напад, но Мираковски го промаши обидот за тројка што можеше да донесе неизвесен финиш. На крајот, МЗТ заслужено славеше со 80-76, за прва прволигашка победа над вечниот ривал сезонава и најава за возбудлив плејоф.

Крофорд беше во главна улога кај актуелниот првак со 16 поени и 10 асистенции, Трајковски постигна 12, а Симоновски 11 поени за МЗТ Скопје. Кај Работнички во главна улога беше Костов со 27 пони, но целосно потфрли Гинјард со прескромни пет поени.

Се вчитува...