Работнички пак настрада – Блокотехна се избори за „мајсторка“

Блокотехна и Работнички со мајсторка во вторник ќе го решат патникот во финалето од кошаркарскиот плејоф, откако тимот од Гевгелија вечерва славеше над актуелниот првак со убедливи 93-79, израмнувајќи на 2-2 во оваа полуфинална серија. Идентично како и на претходното гостување во салата „НОЕЛ“, избраниците на Марин Докузовски беа целосно надиграни од своите противници, Блокотехна уште во раната фаза поведе со двоцифрена предност и потоа го контролираше резултатот до 6. самиот крај.

„Центарци“ парираа само до шестата минута, кога намалија на 15-14, за Блокотехна фуриозно да ја заврши четвртината, па овој прв дел од мечот да заврши со 27-16. Благодарение на одличниот Пен домашниот тим во вториот дел стигна и до предност од 20 поени (49-29), како доказ за немоќта на актуелниот првак во Гевгелија. Работнички само за момент покажа заби откако Мираковски погоди неколку тројки во серија, гостите од Скопје намалија на 13 поени, но Блоко фуриозно ја почна последната четвртина, отстранувајќи ги сите дилеми околу победникот и изборувајќи се за мајсторка.

Брендон Пен со 29 поени беше главна фигура на овој натпревар, Фундербург постигна 19 поени, а одличен беше и Николиќ, кој реализираше 18 поени и 8 асистенции против својот поранешен клуб. Во таборот на Работнички најефикасни при денешниот пораз беа Костов со 18 и Мираковски со 12 поени.

Се вчитува...