Работнички по печат за полуфинале, „последен танц“ на Бојан Трајковски?

Работнички со предност од 2-0 влегува во денешното гостување против Феникс (20.30 часот, СЦ „Јане Сандански“), меч на кој победа на „центарци“ ќе значи и пласман во полуфиналето од кошаркарскиот плејоф на Македонија.

„Црвено-белите“ влегоа во топ-ритам во клучниот дел од сезоната откако имаа многу турбуленции на стартот од шампионатот, што ги прави сериозен конкурент за шампионскиот трофеј. Сепак, Феникс на првите два меча и повеќе од достојно му се спротивстави на тимот на тренерот Самарџиев. Доколку Феникс успее да повтори слично издание, бодрен од своите навивачи тимот на Дервишевиќ би можел да му ги замрси сметките на големиот фаворит.

Ако се случи Феникс да го загуби овој дуел, тоа воедно ќе претставува и крај на кариерата на Бојан Трајковски. Одличниот 37-годишен крилен центар веќе најави дека оваа сезона ќе му биде последна, откако последните две годни ги мина како член на Феникс, најискусен играч на скопскиот прволигаш кој беше еден од лидерите на екипата која претходната сезона стигна и до финалето во Купот на Македонија.

Трајковски во кариерата има настапувано за 12 различни македонски екипи, и тоа Балкан Стил, Работнички, Фени Индустри, Торус, Лирија, Куманово, Карпош Соколи, МЗТ Скопје, Гостивар, Кожув, Пелистер и Феникс, додека на меѓународен план ги има брането боите на Атомерому во Унгарија, Сигал Приштина во Косово и Чарни Слупск во Полска.

Се вчитува...