Работнички потврди: Повторно сме во карантин, четири нови позитивни кошаркари

Најтрофејниот македонски кошаркарски клуб Работнички повторно има проблеми со заразени кошаркари. Тие вчера не отпатуваа во балонот во АБА 2 во Бања Лука, а денеска од клубот од „Градски парк“ потврдија дека имаат четири нови позитивни случаи.

Во продолжение во целост ви го пренесуваме соопштението на КК Работнички.

„КК Работнички ја известува јавноста дека 4 играчи од клубот добија позитивни КОВИД 19 тестови, а уште неколку други пројавуваат симптоми. Во моментов 14 играчи и членови на стручниот штаб имаат добиено решенија за 14-дневна самоизолација од Инистутот за епидемиологија. Моменталната состојба со коронавирусот во КК Работнички е и главната причини што не отпатувавме на вториот турнир од АБА 2 лигата, кој се одржува во Бања Лука во Босна и Херцеговина. Во брзо време ќе добиеме резултати од новите тестирања, со што ќе имаме појасна слика кои играчи и членови на стручниот штаб се позитивни или негативни на КОВИД 19. За сите дополнителни чекори кои КК Работнички ќе ги преземе во наредниот период, јавноста ќе биде навремено информирана,“ стои во соопштението од КК Работнички.

АБА2 потврди дека скопскиот клуб нема да настапи на премиерниот дуел од „балонот“ во Бања Лука против Спарс, но ја остави отворена можноста Работнички дополнително да се приклучи на турнирот и да ги одигра преостанатите натпревари од овој турнир.

Сепак, со оглед на издадените решенија за самоизолација речиси е невозможно такво нешто да се случи.

Се вчитува...