Работнички сака да се „вади“ со триумф против Вардар, Силекс на гости кај опуштената Шкендија

Првенството во Првата фудбалска лига влегува во самата завршница, одбројуваме со последните четири кола, а се уште е многу интересна битката за опстанок. Во неа по четири последовни порази, сосема неочекувано, се вклучи и Работнички, кој имаше амбиции за излез на европска сцена. Но, оваа пролет плановите не излегоа на терен според очекувањата и „романтичарите“ сега се само два бода од опасната зона каде се наоѓа Силекс.

Работнички денеска (16.30 часот) во дербито на колото му гостува на Вардар и ќе се обиде да стави крај на негативниот тренд. Тренерот Баже Лазаревски вели дека тимот мора да се извлече од летаргијата.

„Поразите никогаш не се добредојдени, а најмалку во финишот на првенството. Мора да излеземе од летаргијата и да се потрудиме да го вратиме победничкиот лик. Знам дека фудбалерите чувствуваат и замор, крај е на шампионатот, но мораме да го дадеме максимумот за Работнички да го заокружи првенството како што доликува. Не очекува дуел со Вардар и ќе се обидеме да одиграме квалитетно и да освоиме бодови“, вели Баже Лазаревски.

Вардар секогаш сака да го добие дуелот против градскиот ривал и сигурно дека избраниците на Александар Васоски ќе бидат максимално мотивирани на денешниот дуел на стадионот „Борис Трајковски“ во Маџари.

Шкендија е веќе шампион, па можеби и ќе се опушти. На ова се надева Силекс, кој патува во Тетово со надеж дека може да остане непоразен во битката за бегство од опасната зона. Беласица на домашен терен ја пречекува Ренова, а Македонија ЃП ќе биде домаќин на Шкупи во Ѓорче Петров. Победа е веќе второлигаш, па Акедамија Пандев се подготвува за нов триумф.

ДВОЈКИ ПРВА ЛИГА, 33.КОЛО (16.30 ч.)

ВАРДАР – РАБОТНИЧКИ

БЕЛАСИЦА – РЕНОВА 

МАКЕДОНИЈА ЃП – ШКУПИ

ШКЕНДИЈА – СИЛЕКС

АКАДЕМИЈА ПАНДЕВ – ПОБЕДА

Се вчитува...