Работнички се одмазди на Блокотехна

Работнички останува во пол-позиција за освојување на првото место до крајот на стартниот дел од сезоната откако актуелниот првак денеска славеше над Блокотехна со убедливи 94-77. Избраниците на Марин Докузовски експресно го оставија зад себе разочарувачкиот дерби-пораз од МЗТ Скопје, стигнувајќи до нов значаен триумф над ривал со кого ќе се сретнат и во Супер-лигата. Воедно, убедливата победа значеше и слатка одмазда за „центарци“ за поразот во Гевгелија во првиот круг од натпреварувањето.

Гостите од Гевгелија подобро го отворија натпреварот, поведувајќи со 4-12 со тројката на Брендон Пен. На Работнички му беа потребни неколку минути да влезе во ритам, Стајиќ погоди неколку шута во серија, па токму со тројката на репрезентативниот плејмејкер „центарци“ ја добија почетната четвртина со 20-18. Во вториот период проработе шутот од далечина на Работнички, Јанески беше прецизен и донесе и посолидна предност за актуелниот првак, кој на одмор замина со 42-33.

Надежите на Блокотехна за камбек исчезнаа во третата четвртина, во која домаќините предводени од Чавдар Костов дополнително ја зголемија предноста. „Црвено-белите“ потоа знаеја како рутински да ја зголемат предноста, нанесувајќи им го на гостите од Гевгелија најубедливиот пораз сезонава, со тројката на Ефремовски за точка на мечот и конечни 94-77.

Чавдар Костов беше клучен играч на овој натпревар реализирајќи 27 поени и осум скокови, Јанески постигна 17 поени, додека во таборот на Блокотехна најефикасни беа Мијатовиќ со дабл-дабл од 20 поени и 11 скокови  и Брендон Пен со 19 постигнати поени.

Се вчитува...