Работнички – Шкендија е мега-пресметката од осминафиналето во Купот на Македонија

Работнички – Шкендија е клучната пресметка од осминафиналните двојки во Купот на Македонија. Првите натпревари од седум осминафинални пресметки се играат денеска од 15:30 часот, а единствено Вардар и Шкупи ќе се сретнат во нов термин поради настапот на македонскиот шампион во Лигата на Европа.

„Романтичарите“ ќе ја пречекаат Шкендија денеска на стадионот на Македонија ЃП во Ѓорче Петров, поради фактот дека Вардар утре на арената „Филип Втори“ го очекува дуелот против Зенит. Но, и покрај тоа, од таборот на Работнички веруваат во квалитетно издание… По поразот од Шкупи во шампионатот, јасно е дека има вознемиреност во составот на Виктор Треневски пред големата пресметка со Шкендија, но останува определбата токму на дерби дуелите да се демонстрира потенцијалот на екипата.

„Имавме тежок викенд. Загубивме меч во последните моменти против Шкупи, но го оставивме тоа зад нас и сега сме максимално фокусирани на дуелот со Шкендија во Купот. Противникот е квалитетен, но ние веруваме во сопствените можности и се надеваме дека ќе оствариме предност пред реваншот во Тетово. Јасно е дека сепак патникот во следната рунда ќе се решава на реваншот“, вели Кире Маркоски, напаѓачот на „романтичарите“ во пресрет на денешниот дуел.

И Шкендија не во идеален момент ги очекува мегданот со Работнички, по киксот пред своите навивачи против Победа изминатиов викенд.

Од останатите денешни натпревари, интересно се очекува да биде и во Кратово каде Силекс го пречекува тимот на Академија Пандев, но и во Битола каде Пелистер на мегдан ќе се соочи со амбициозниот второлигаш Борец од Велес.

КУП НА МАКЕДОНИЈА – ОСМИНАФИНАЛЕ (15:30 ч.)

Скопје: РАБОТНИЧКИ – ШКЕНДИЈА

Кратово: СИЛЕКС – АКАДЕМИЈА ПАНДЕВ

Скопје: СКОПЈЕ – ЕУРОМИЛК ГЛ

Штип: БРЕГАЛНИЦА – ПОБЕДА

Гевгелија: КОЖУФ – ТЕТЕКС

Теново: РЕНОВА – СТРУГА ТРИМ ЛУМ

Битола: ПЕЛИСТЕР – БОРЕЦ

ВАРДАР – ШКУПИ (одложена)

Се вчитува...