Работнички со кумановска победа тргна во Супер лигата

Бранителот на титулата во домашниот кошаркарски шампионат Работнички со рутинска победа го почна суперлигашкиот сегмент од сезоната. Во првото коло од втората фаза оствари  гостинска победа кај Куманово со 57-75.

Со одличната трета четвртина во која беше доминантен и ја доби со 9-21, Работнички веќе по 30 минути ги разреши дилемите околу победникот на оваа пресметка. Во последниот период влезе со високи 37-59. Куманово во завршната четвртина влезе со серија од 8-0, а потоа направи и 15-3 со што ја симна предноста на Работнички под 10 поени, но првакот се созеде навреме за да не му биде загрозен успехот.

Веќе на полувремето Работнички имаше солидна двоцифрена предност до која дојде со одличната втора четвртина која ја доби со 12-18 и ја зголеми позитивата која на крајот од воведниот сегмент изнесуваше четири поени. На полувремето Работнички водеше со 28-38.

Крстевски со 22 поени, Јаневски и Костов со по 14 беа лидери во победата на Работнички. Кај Куманово Ѓекиќ со 16 поени ја предводеше листата стрелци.

 

 

Се вчитува...