Работнички со понуда за Горјан Марковски

Работнички се соочува со огромни проблеми во составувањето на ростерот за наредната сезона откако дел од кошаркарите кои беа поврзувани со „центарци“ веќе потпишаа договори со нови клубови.

Најново име што се поврзува со преселба во „Градски Парк“ е Горјан Марковски, искусниот кошаркар на Куманово кој по неколку години во сино-белиот дрес би можел да се врати назад во Скопје. Марковски на почетокот од кариерата настапуваше за Торус, потоа мина извесно време во МЗТ Скопје, за преку Фени индустри да се пресели во Куманово.

„Центарци“ го посакуваат Марковски како еден од клучните домашни играчи кои ќе бидат доведени, со оглед на најавите дека Работнички значително ќе го подмлади составот во однос на претходните сезони. Проблем претставува фактот дека овој кошаркар е под договор со кумановци, кои ќе го имаат последниот збор, дали ќе дадат зелено светло за негова преселба во редовите на „црвено-белите“ од „Градски парк“.

Покрај Марковски, Работнички е на добар пат да потпише договори и со младинскиот репрезентативец Љубиша Димитровски, како и со Валмир Какруки, двајца кошаркари кои минатата сезона го носеа дресот на Академија ФМП.

Се вчитува...