Фудбалерите на Работнички со пораз од 1-3 на домашен терен против Тиквеш ја завршија најсрамната сезона во историјата на клубот од осамостојувањето откако следната сезона херојот од „Дебар маало“ ќе игра ранг подоле.
Гостите од Кавадарци поведоа со 0-1 со погодокот на Лавал во 32. минута. До крајот на првиот дел беше и 0-2 откако прецизно стрелаше Кристијан Стојкоски. Во вториот дел 0-3 беше со погодокот на Сила во 73. минута, додека конечните 1-3 ги постави Белица во 90. минута.
Во вториот меч од денешната програма последна за оваа сезона Македонија ЃП со победа над Силекс од 4-2 се збогуваше од прволигашкото друштво. „Лавовите“ поведоа со 1-0 со голот на Еступињан во 15. минута, додека на 1-1 израмни Мишов од пенал во 32. минута. Гереро со два гола на стартот на вториот дел (47. и 56. минута) донесе водство од два гола за домаќинот 3-1, додека 3-2 беше со голот на Илија Донов во 74. минута. Конечните 4-2 ги постави Огусхан од пенал во 94. минута.
Следната сезона Македонија во Европа ќе ја претставуваат: шампионот Вардар (квалификации Лига на шампиони), второпласираната Шкендија (квалификации Конференциска лига) и освојувачот на Купот Силекс (квалификации Конференциска лига). Во ранг подоле заминаа Работнички, Македонија Ѓорче Петров и Шкупи, додека бараж за опстанок ќе играат АП Брера против Скопје и Пелистер против Шкендија Арачиново.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
