Работнички со рецептот на МЗТ – за молк во Гостивар

Работнички го запечати првиот дел од сезонава со убедлива победа, и тоа извојувана на тешкиот терен во Гостивар (61-85). Кошаркарите на Гостивар слично како и пред дербито со МЗТ Скопје најавуваа жестока игра и атак на победа над големиот ривал, но изгореа во преголемата желба, му дозволија на гостинот да доминира од самиот почеток и во ниту еден момент не беа блиску до скалп на шампионот.

Работнички го „ископира“ рецептот на МЗТ, па уште во првата четвртина наметна темпо што домаќините не можеа да го следат, воедно и „ладејќи“ ја публиката која повторно ја исполни салата во Гостивар до последно место. На половина од првата четвртина резултатот гласеше 5-20, избраниците на Србиновски имаа проблем да ги реализираат своите напади, а квалитетен ривал како Работнички знаеше како тоа максимално да го искористи.

Првата четвртина заврши со резултат 13-29, по што „црвено-белите“ од Скопје не им дозволија на домаќините во ниту еден момент да се надеваат на камбек. Гостивар стигна до 20-32, но Работнички потоа постигна девет поени во низа, покажувајќи „кој е кој“ во оваа пресметка во рамките од последното прволигашко коло, во пресрет на Супер-лигата што ќе стартува наредниот викенд.

Стајиќ и Крстевски постигнаа по 16, а Караџовски 15 поени за актуелниот шампион, додека кај Гостивар најефикасен беше Ефианаи со 14, пред Трајковски со 13 постигнати поени.

Се вчитува...