Работнички со став: Ќе играме во АБА2!

Екипата на Работнички сепак е согласна да настапува во АБА2-лигата, откако неколку години по ред „центарци“ одбиваа да станат дел од второто по квалитет регионално кошаркарско натпреварување. Медиумите во регионот објавија дека македонскиот вицепрвак повторно ги одбил челниците на АБА, но демант на оваа информација доаѓа од Градоначалникот на Општина Центар, Саша Богдановиќ, кој стои зад проектот Работнички во последните неколку години.

„Наша желба е Работнички во следната сезона да се натпреварува во АБА2 лигата. Наспроти она што беше пласирано во јавноста, рокот за пријавување истекуваше на 15 јуни. Ние испративме писмо до челниците на лигата дека сакаме да учествуваме, сега очекуваме да ни бидат испратени сите документи за апликација. Сепак, она што е најважно е што Работнички ќе биде дел од ова натпреварување“, вели Богдановиќ.

Во најскоро време тој ќе има средба со претставниците на клубот, при што ќе се дискутира околу статусот на тренерот Мираковски и составувањето на екипата.

„Требаше да дојде со средба и претходно, но поради ситуацијата со коронавирусот бевме принудени истата да ја одложиме. Во следните денови ќе се сретнеме, знам дека тие имаат дискутирано на оваа тема, по што ќе ги искажеме и конкретните планови за идната сезона. Имаме осигурано извесна сума, договоривме и неколку спонзори пред целата ситуација со коронавирусот, па се уште не може со сигурност да се знае со колку пари ќе се располагање, но во секој случај Работнички повторно ќе има респектабилен буџет“, истакнува првиот човек на „центарци“.

Како што стојат работите, учеството во АБА2 ќе биде единствена меѓународна авантура во новата сезона за најтрофејниот македонски кошаркарски колектив, кој беше поврзуван и со учество во некој од европските купови во организација на ФИБА.

„На состанокот ќе стане збор и за оваа тема, но она што можам да го кажам е дека во моментов приоритет ни е АБА2“, порачува Саша Богдановиќ.

Според објавата на раководството на АБА-лигата, Македонија ќе има две места во второто по квалитет регионално натпреварување. Доколку се остварат најавите за преселба на МЗТ Скопје во АБА1, со тоа би се отворило место и за Гостивар, уште еден тим што покажа интерес за учество во АБА2.

Се вчитува...